Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска изјавила дека зачувувањето на стабилноста и безбедноста на Косово е сè уште еден од главните приоритети на Алијансата, особено по зголемувањето на тензиите на северот од Косово. Како што истакнала таа, НАТО останува силно посветен на Западен Балкан, а најјасен израз на таа посветеност е мисијата КФОР, објавија дел од косовските медиуми.
„НАТО останува посветен на безбедноста на Западен Балкан затоа што е стратешки важен регион за нас. Нашето највидливо присуство, нашата најјасна посветеност е преку нашата мисија КФОР. Тоа е најголемата мисија на Алијансата и не е случајно, затоа што сметаме дека безбедноста на Западен Балкан е важна за Алијансата и затоа што веруваме дека политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина може да се поддржи со нашето присуство таму. Мисијата на КФОР е да гарантира мир и безбедност за сите во Косово, да обезбеди слобода на движење, но и да обезбеди соодветна средина за политичките лидери да можат да го туркаат Косово напред“, рекла Шекеринска за косовската „Teve1“.
Зборувајќи за зголемувањето на бројот на војници на КФОР, Шекеринска потсетила дека одлуката за засилување е донесена по настаните од 2023 година, кога мисијата беше зајакната со околу илјада дополнителни војници.
„Ако добро се сеќавам, зголемувањето се случи по настаните од 2023 година. Додадовме околу 1.000 војници, што не е малку; тоа е едно од најголемите засилувања. Сакавме да бидеме сигурни дека КФОР ќе ја исполни својата задача – односно да гарантира мир и безбедност, безбедност за сите на Косово и слобода на движење. КФОР останува посветен на ова и затоа имаме соработка со сите институции во Косово, со косовската полиција, со ЕУЛЕКС, како и добра соработка со силите на српските вооружени сили, со цел да го исполниме нашиот мандат“, кажала Шекеринска која што е втор човек во НАТО.
Според неа, иако министрите за надворешни работи на состанокот на НАТО поголемиот дел од дискусијата го посветиле на одвраќање, одбрана и поддршка на Украина, неколку земји нагласиле дека стабилноста на Западен Балкан мора да остане високо на агендата.
„Ова беше состанок на министрите за надворешни работи на 32-те сојузници, со фокус на нашето одвраќање и одбрана, зголемување на трошоците за одбрана и дискусии за поддршка на Украина. Но, за време на дискусиите, голем број министри го покренаа прашањето за важноста на Западен Балкан. Веруваме дека евроатлантската безбедност на нашиот континент во голема мера зависи од она што се случува на Западен Балкан и ми е драго што сите министри од регионот испратија иста порака: ситуацијата на Западен Балкан не смее да се занемари и фокусот мора да остане таму – и од земјите од регионот и од Алијансата“, рече Шекеринска.
Таа заклучила дека улогата на КФОР е да обезбеди услови за политичкиот процес, но не и да го замени.
„КФОР е таму за да го поддржи политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина. Военото присуство не може да ги реши предизвиците за долгорочен мир; само политичкиот дијалог и понекогаш болните компромиси можат да го постигнат тоа“, порачала поранешната македонска министерка за одбрана.