Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во пресрет на средбата меѓу членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, во Брисел се обратила пред тамошните медиуми. Како што истакнакла таа, присуството и ангажманот на НАТО на Западен Балкан трае долги години, а минатата недела министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата уште еднаш ја потврдија својата определба за зачувување на стабилноста на целиот регион, со посебен фокус на Босна и Херцеговина.
„Продолжуваме внимателно да ги следиме политичките и безбедносните случувања во Босна и Херцеговина. Сакам да споделам три клучни пораки пред денешниот состанок“, рекла Шекеринска.
Првата порака се однесува на поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.
„Јасно нагласуваме дека Дејтонскиот мировен договор мора да се почитува во целост. Тој го претставува темелот на стабилноста и уставниот поредок на земјата и како таков го заслужува целосното внимание на сите политички актери“, нагласила таа.
Втората порака се однесува на важноста од зачувување на правниот поредок.
„Уставот на Босна и Херцеговина мора да се почитува. Нема да дозволиме создавање никаков безбедносен вакуум или загрозување на тешко стекнатиот мир. На тој фронт тесно соработуваме со меѓународните партнери“, навела Шекеринска, додавајќи дека безбедноста и стабилноста на Босна и Херцеговина претставуваат поширок безбедносен интерес.
Како трета точка Шекеринска ја посочила важноста на соработката со Босна и Херцеговина.
„БиХ е партнер што го цениме и со кого сакаме дополнително да ги развиваме односите. Подготвени сме да продолжиме со спроведувањето на пакетот мерки за зајакнување на капацитетите, преку секојдневната работа на канцеларијата на НАТО во Сараево и поддршката на нашиот политички персонал“, додала таа.
Вториот човек на НАТО порачала дкеа ќе продолжи да дава поддршка на мисијата Алтеа на ЕУФОР преку аранжманот „Берлин плус“, со целосна поддршка за мандатот на високиот претставник, чиј легитимитет е недвосмислен и мора да остане.
„Сакаме да ја видиме Босна и Херцеговина како напредува на нејзиниот европски и евроатлантски пат. Веќе е направено многу, но пред нас се нови предизвици. Подготвени сме да ги решиме заедно, за доброто на сите граѓани на БиХ“, заклучила Шекеринска.