Шекеринска учествува на безбедносна конференција во Шведска организирана од НАТО

од Nikola Popovski
23 прегледи

Заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, ќе престојува во шведскиот град Селен, каде што ќе учествува на годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ насловена „Ковање на иднината: Стратешка визија на НАТО под новото раководство“.

Предвидено е Шекеринска да има говор на конференцијата, по што, како што соопштија од НАТО, ќе следи размена на мислења со присутните.

Покрај учеството на конференцијата, Шекеринска ќе има средби и со официјални шведски претставници, меѓу кои и шефицата на дипломатијата, Марија Малмер Стенергард и министерот за одбрана Пал Јонсон.

Главните теми на тридневната конференција, која започна вчера, се потребата од градење одбрана преку зголемени воени и цивилни инвестиции, зајакнување на отпорноста, можностите за зголемување на безбедноста на Шведска и потребата од заедничко зајакнување на општеството со цел да се обезбеди зачувување на мирот, слободата и демократијата.

Според организаторите на собирот, во услови на нерешена глобална безбедносно-политичка ситуација, кога руската војна против Украина продолжи со незапирлива сила и се разгореа нови конфликти на Блискиот исток, и кога демократијата е ставена на тест и ново се појавуваат лидери, континуираната поддршка на Шведска за Украина мора да продолжи со јасна порака дека Русија не смее да победи во војната.

Слични содржини