Наместо парите да завршат таму каде што треба – во касата на државата, тие исчезнувале по пат. Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против тројца – управител на техничка станица, службеник во Пошта и вработена во Јавното претпријатие за државни патишта – за сомнеж дека ја оштетиле државата за над 22 милиони денари.
Првоосомничен е Д.П., управител на фирмата „Пин Петрол“ од Куманово, која има овластување да врши технички прегледи. Тој, според обвинението, знаел дека неговата компанија не ги уплатува редовно средствата од патната такса, но не презел ништо – иако имал договор и обврска пред Јавното претпријатие за државни патишта.
Второпријавена е Г.С.П., службеничка во кумановската Пошта, која – наместо да ги префрли наплатените суми од патната такса на државната сметка – ги задржувала за себе. Фалсификувала налози, играла со идентични референтни броеви, а пари исчезнувале без трага.
Во низата, третоосомничена е Н.С., вработена во самото Јавно претпријатие за државни патишта. Не извршила надзор, иако имала увид во месечните извештаи, и не реагирала на очигледната несразмерност помеѓу наплатените и уплатените средства.
Според Финансиската полиција, ваквото координирано дејствување резултирало со штета од точно 22.294.343 денари – средства кои требало да бидат инвестирани во државната патна мрежа, а завршиле во џебови.
Обвиненијата опфаќаат тешки кривични дела: злоупотреба на службена положба, проневера и несовесно работење.