Напаѓачот на словенечката репрезентација Бенјамин Шешко верува во шансите на неговиот тим против Англија во третото коло од групата Ц на Европското првенство.
Англичаните имаат четири бода, Словенија два, а натпреварот се игра во вторник од 21 часот.
„Ќе биде неверојатен натпревар, сигурен сум во тоа. Имаат извонредни играчи на секоја позиција, но подеднакво е возбудливо што имаме одличен тим и што имаме можност да покажеме што можеме против нив. Знам дека можеме да ги изненадиме, со нетрпение ја чекам таа игра“, изјави 21-годишниот Шешко и додаде:
„Досега игравме одлично, мора да продолжиме во ист ритам и сигурен сум дека ќе блеснеме. Англија можеби не се најдобри во моментов, но сепак се одлични. Сепак, сега е најдобрата можност да се игра со нив“.
Шешко, кој настапува за Лајпциг, вели дека ЕУРО му е корисно и на индивидуален план.
„Горд сум што сум дел од овој тим, што сум тука, што имам можност да се подобрам. Ова е важно за мојата кариера“.
Во вторник од 21 часот од истата група играат и Србија и Данска.