Шест активни пожари во Македонија: Ги гасат локални и меѓународни тимови

од Илинка Илиоска
54 прегледи

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека денеска (петок) до пладне активни се вкупно шест пожари на отворено и шумски пожари

Во Општина Демир Хисар гори на Илинска Планина каде се гаси со пет противпожарни авиони – еден на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), два германски и два шведски. На тешко пристапниот терен од земја гаснат локални пожарникари со подршка од месно население.

Во Општина Македонски Брод гори кај селата Тажево и Брезница каде огнот развил крак кон резерватот Јасен. Таму е упатен тим од Унгарија составен од 46 лица со специјални теренски возила и опрема, а заедно со нив ќе гаснат и 50 припадници на Армијата и 20 локални пожарникари.

Во Општина Пробиштип има два пожари. Едниот кај селата Зелениград и Јамиште. Таму се дејствува со осум хеликоптери – домашни и од Србија, Унгарија, Словачка и Чешка. На тешко пристапниот планински терен гаснат локални пожарникари со подршка на 30 припадници на Армијата.

Вториот пожар во Општина Пробиштип е во атарот на селото Стрисовци каде од земја гаснат 35 припадници на Армијата, десет локални пожарникари, како и вработени во Рудник „Булмак“, Јавното комунално претпријатие, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и доброволци од месното население. Од воздух им помага еден хеликоптер од Чешка.

Пожарот во Општина Пласница е кај селото Латово, Македонски Брод. Гори трева, грмушки и нискостеблести растенија. Во гаснењето учествуваат локални пожарникари и тим од Национални Шуми.

Шестиот пожар е во Општина Пехчево кај селото Негрево. Таму дејствуваат десет припадници на ДЗС и 15 припадници на Армијата. Овој пожар сѐ уште има внатрешно горење, но од вчера е под целосна контрола.

„Овој план, во зависност од состојбата на терен, како и состојбата на воздухопловите, може да претрпи измени во било кој момент. Наш приоритет секогаш е безбедноста на луѓето (сејфти фрст), веднаш потоа населените места, а потоа и зимзелена шума. Рано утрово се одржа брифинг со пилотите на воздухопловите од странство на кој тие беа запознати со активните пожари врз кои треба да дејствуваат во текот на денот. Центарот за управување со кризи и Главниот штаб за управување со кризи на сите македонски граѓани им го честитаат денот на Републиката, Илинден“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Слични содржини