Премиерот на С.Македонија, Зоран Заев, во понеделник и вторник ќе престојува во Тирана, каде што ќе учествува на средба со премиерот на Албанија, Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“. Како што дознава „Еуроњуз Србија“, по тој повод ќе бидат потпишани дури шест договори за соработка.
Состаноци во рамки на иницијативата се очекуваат во Тирана на 20 и 21 декември, а како што претходно најави Вучиќ, претстојните средби ќе донесат многу добри и важни заклучоци и многу придобивки за граѓаните.
– Сметаме дека се приближуваме кон она што многу ќе им олесни не само на граѓаните кои би сакале да патуваат, туку и на бизнисмените, но и во протокот на стоки, услуги и капитал. Ќе ги поврземе нашите народи кои ќе имаат многу поблиски односи отколку во минатото – изјави неодамна Вучиќ.
Како што се дознава, во Тирана ќе бидат потпишани шест договори, од кои пет директно се однесуваат на Србија. Вучиќ, Рама и Заев ќе потпишат заеднички договор за услови за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан, како и договор за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
Потоа, министрите за земјоделство на трите земји Трајан Димковски, Бранислав Недимовиќ и Фрида Крифца ќе го потпишат Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарноста и безбедноста на храната и животните во Западен Балкан.
Договорот меѓу Владата на Република Србија и Советот на министри на Република Албанија за заемно признавање на одобренијата на овластените економски субјекти за безбедност (АЕОС) ќе го потпишат министрите за финансии Синиша Мали и Делина Ибрахимај. Договорот ќе биде потпишан билатерално од владите на Северна Македонија и Албанија.
Ќе биде потпишан и договор за соработка меѓу телата за акредитација во Западен Балкан.
Заев се очекува во понеделник на заедничка вечера во Тирана да има неформална средба со Рама и Вучиќ, а во вторник се предвидени неколку средби.
На 21 декември најпрвин во Палатата на бригадите во Тирана ќе се одржи средба на тројцата функционери и членови на делегациите со претставниците на Атлантскиот совет, на која ќе се разговара за Стратешкиот план за „Отворен Балкан“ 2022 година.
Потоа ќе следи церемонија на потпишување трилатерални и билатерални договори, а потоа Регионалниот форум за земјоделство и регионална соработка, на кој ќе присуствуваат официјални претставници, министри за земјоделство и рурален развој, ректори на земјоделски универзитети и претставници на стопански комори. На крајот, лидерската тројка ќе одржат заедничка прес-конференција.
Отворено писмо за сите во регионот
Заев, Вучиќ и Рама со отворено писмо во саботата ги поканија сите во регионот да се приклучат на иницијативата „Отворен Балкан“. Тие уште еднаш ги повикаа сите соседи да се соберат и да им ги понудат на граѓаните поволностите што ги нуди оваа иницијатива. Тројцата лидери, исто така, веруваат дека сега целата ЕУ мора да се обедини и целосно да го поддржи „Отворениот Балкан“, како и да ги повика другите соседи да ја трансформираат сеопфатноста на иницијативата од потреба во акција.
– Време е сите во регионот да се обединат за подобра заедничка иднина која нуди стабилност, мир и повисок животен стандард за сите и која ги надминува несогласувањата од минатото – заклучуваат Заев, Вучиќ и Рама во отвореното писмо. .
На претходните состаноци на „Отворен Балкан“, во Скопје во јули годинава и во ноември во Белград, беше објавено дека целта е да се укинат границите за трите земји од јануари 2023 година кога станува збор за слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, како и од 2022 година да стапи на сила единствена работна дозвола. На средбата во Скопје, кога неформалното име „Мал Шенген“ беше сменето во „Отворен Балкан“, беа потпишани три документи:
Договор за соработка при заштитата од катастрофи на Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка во олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на ЗБ и Меморандум за разбирање за слободен пристап до пазарот на трудот на ЗБ. На 10 октомври 2019 година, Вучиќ, заедно со Рама и македонскиот премиер Заев, покренаа иницијатива која неформално беше наречена „Мал Шенген“.
Пред состанокот во Тирана на 20-ти и 21-ви декември, истражувањето на албанскиот Euronews покажа дека мнозинството Албанци го поддржуваат „Отворен Балкан“, што значи дека две третини од Албанците веруваат дека иницијативата е во интерес на Албанија.
Според пишувањата на медиумите, поранешниот претседател и премиер на Албанија Сали Бериша најавил дека протестите на Албанците кои се противат на регионалната иницијатива ќе се одржат за време на средбата меѓу Вучиќ, Рама и Заев на 20 и 21 декември во Тирана.
Според медиумите, зад организацијата на овие протести, покрај Бериша, стојат и премиерот на Косово, Албин Курти, како и Рамуш Харадинај.