Шестгодишно момче е уапсено откако пукалo во учителка во американската сојузна држава Вирџинија, соопшти полицијата.
Пукањето се случило во петокот попладне во основното училиште Ринек во Њупорт Њуз, изјави началникот Стив Дру. Не е јасно како детето го нашло пиштолот, но Дру рече дека инцидентот „не бил случајно пукање“.
Наставничката, чие име не се соопштува и има 30-тина години, се здобила со повреди опасни по живот. Таа е префрлена во локална болница и лекарите внимателно ја следат, пишува Би-Би-Си.
Пукањето се случило во училница во прво одделение по расправија меѓу наставничката и момчето. Надлежните рекоа дека иако училиштето, во кое има околу 550 ученици, има детектори за метал, учениците биле проверувани по случаен избор и не било прегледано секое дете.
„Ова е страшно, вакво нешто никогаш не треба да се случи. Сакаме да се погрижиме ништо вакво да не се повтори“, рече началникот на училишната област Џорџ Паркер.
Тој рече дека училиштето ќе биде затворено во понеделник и вети дека ќе им биде понудена поддршка на учениците и родителите за да им се помогне да се справат со трауматичниот настан. Градоначалникот Филип Џонс, кој ја презеде функцијата пред само три дена, рече дека пукањето означило „црн ден за Њупорт Њуз“.
Гувернерот на Вирџинија, Глен Јаункин, рече дека им понудил помош на локалните власти, додавајќи дека неговата администрација е „подготвена да помогне на секој начин што можеме“.
Њупорт Њуз е град во кој живеат околу 180.000 луѓе и се наоѓа на околу 112 километри јужно од главниот град Ричмонд.