Шилегов бара од ОЈО да повлече дел од обвиненијата за судењето за „Пулс“

„Еден ден судење државата ја чини 150 000 евра што укажува на неекономичност на судењето”, порача адвокатот Шилегов

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Адвокатот на еден од обвинетите во судскиот процес за големата трагедија во дискотеката „Пулс“, Петре Шилегов денеска побара од Обвинителството сериозно да го преиспита својот став и да повлече дел од обвиненијата, повикувајќи се на економичноста на постапката, при што го зеде во превид брифингот на ОЈО ГОКК од петокот во однос на запрената постапка за седум полициски службеници.

Во образложението, како што наведе тој, било утврдено дека нема директна причинско-последична врска меѓу непостапувањето и настанатите последици, поради што евентуалната одговорност можела да се разгледува само во рамки на „злоупотреба на службена положба“ – дело за кое, во меѓувреме, настапила застареност.

„Еден ден судење државата ја чини 150 000 евра што укажува на неекономичност на судењето”, рекол, меѓу другото, Шилегов.

Денеска судскиот процес продолжува со сведочења. На минатото судење, сведочеа преживеани од пожарот. Посочија на низа недоследности. Раскажаа што се случило кобната ноќ кога избил пожарот во дискотеката во којшто загинаа 63 лица.

Иако немало ниту противпожарни апарати, редовно на концерти се употребувала разна пиротехника во објектот. Во петокот Обвинителството поткрена обвинение и за деветмина полицајци, кои таа кобна вечер влегле во дискотеката „Пулс“, ја виделе пиротехниката на бина и не ја прекинале забавата.

Обвинение е покренато и против нивните началници. Одговорност утврдиле и кај други нивни колеги кои дозволиле клубот незаконски да профитира.