По повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески, денеска се одржа тркалезна маса насловена „Разговори со Конески“ во дворот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, каде присуствуваше градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
– Блаже Конески како поет, раскажувач, препејувач, литературен историчар, лингвист и есеист стана препознатлив како национален симбол на нашата понова македонска историја околу кого се вкрстуваат високите вредности на македонскиот јазик и целокупната наша современа македонска литература, меѓутоа и современа македонска култура, нагласи Шилегов.
Шилегов додаде дека Град Скопје како институција, се вклучи со голем број активности во одбележувањето на овој голем јубилеј.
– Го финансиравме издавањето на книгата „100 песни на Конески“, ја поддржавме неодамнешната трибина во Културно информативниот центар во негова чест, го поддржуваме и овој настан, а во тек е постапката за подигнување на спомен обележје пред куќата на Конески на Водно. И за крај, посебно сум горд што еден од најфреквентите и најцентарските булевари во нашиот град веќе го носи името Блаже Конески, рече Шилегов, додавајќи дека со своето дело и лик Конески прерасна во култна личност.