На денешната седница на Советот на Град Скопје советниците поставуваа прашања за работата на градоначалникот, градската администрација, јавните претпријатија и јавните културни установи на градот. Меѓу советничките прашања поставени до градоначалникот Шилегов беше и прашањето за реализацијата на проектот БРТ во Скопје.
– Воведувањето на БРТ во Скопје има повеќекратни придобивки. Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата, во оваа фаза 18 метарски, но целиот систем е проектиран да има можност за 24 метарски возила. Реализацијата на БРТ, а не на трамвај, е поради тоа што доколку според градската проектна документација се имплементираа двете фази со трамвајско решение по истата траса, тоа ќе го чинеше градот или државата 380 милиони евра. Ние сега тоа го правиме, по истиот концепт за трамвај, но за 70 милиони евра. Векот на траење на едно превозно средство во БРТ е помеѓу 12 и 15 години, со технологија на гас – синерџи хибрид, што во моментов е најпроверена технологија од економичен и еколошки аспект на која може да го конципирате целиот систем на јавен превоз. Системот на електрични автобуски, за жал се уште не е во таа мера развиен за да можете целокупниот јавен превоз да го конципирате на електрични автобуси. За да стигнете до цената на чинење на реализацијата на трамвајскиот сообраќај, имате можност 5 пати да ја обновите флотилата на БРТ, односно имајќи предвид дека 12-15 години е рокот на возилата во БРТ, на 0 со реализација на трамвајот би дошле после 75 години, под услов кога ќе го изработите трамвајот во наредните 75 години, да не трошите средства за неговото одржување, што не е можно – истакна Шилегов на денешната седница на советнички прашања.
Шилегов истакна дека трамвајот бара одржување и менување на шини, менување на возила, чиј рок за разлика од возилата на БРТ е меѓу 20-30 години. 2-3 промени на флотилата на трамвајот во наредните 70 години, каде што еден воз 24 метарски според достапните цени изнесува 3 до 3,5 милиони евра во зависност од производителот би претставувало голем финансиски трошок.
– Ако за целокупниот овој систем во двете фази ви се потребни околу 50 возила, тоа значи дека само за една промена на флотилата би потрошиле околу 120 до 150 милиони евра, а ако тоа го направите три пати, што значи дека тој превоз ќе кошта уште 450 милиони евра само со промена на флотилата, без тековното одржување на преостаната електрична инфраструктура. Имајќи ја предвид финансиската состојба во градот и државата, се одлучивме за БРТ. Меѓутоа ваков тип одлуки не носи само Град Скопје, туку сите современи градови, кои исто како нас се уште немаат шински превоз на јавен транспорт, односно трамвај. Сите одбираат да воведат БРТ како систем на јавен транспорт, наместо трамвајски превоз, односно станува збор за еден модерен тренд во јавниот транспорт во Европа и во светот – истакна Шилегов.
Висококвалитетниот јавен превоз е насушна потреба на скопјани веќе со децении, а на таа потреба Град Скопје одговара со воведување систем за брз автобуски превоз (БРТ) со што Скопје станува позелено, подинамично и попаметно. БРТ ќе биде костурот на јавниот транспорт во Скопје во наредните 100 години. Скопје е првиот град во овој дел од Европа кој воведува БРТ (Bus Rapid Transit) систем, a тоа е успех не само за градот туку и за целата наша држава. Европската банка за обнова и развој го промовира овој проект како зелен проект, во рамките на мрежата на зелени градови, во која Скопје е член од 2019 година. БРТ е токму она што на нашиот главен град веќе со децении му недостига- сообраќајно решение за намалување на градскиот метеж, чекањето на семафори и аерозагадувањето. Новите енергетски ефикасни автобуси обезбедуваат поквалитетни и почисти услуги кои значително ги намалуваат емисиите на аерозагадувачи. Подобриот јавен транспорт значи зголемување на бројот на патници, а намалување на употребата на приватни возила. Помалку возила значи помал сообраќаен метеж и помалку аерозагадување од сообраќајот. Токму затоа БРТ се промовира како зелен проект од ЕБОР, а Град Скопје добива признание за спроведување еколошки политики.