
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на денешната петта седница на Советот на Град Скопје, ги повлече од дневен ред предлог-одлуките со кои беше предвидена промена на цената на водата во Скопје.
– Имајќи предвид по извршената длабинска анализа за финансиската состојба и работењето на ЈП „Водовод и канализација“, имајќи предвид дека се политикантски мотивите на Регулаторната комисија, имајќи предвид дека Регулаторната комисија не ја заснова својата одлука на фактите и реалните потреби на граѓаните, предлагам точките 25, 26 и 27 да се симнат од дневниот ред. Додека сум јас градоначалник на Скопје, граѓаните на Град Скопје поради политикантски одлуки на партизирани органи од минатото нема потреба да плаќаат поскапа вода. Водата ќе остане со истата цена, а ние со домаќинско работење ќе ги сервисираме сите потреби на јавното претпријатие – кажа градоначалникот Шилегов.
Ако се усвоеше предложената цена скопјани ќе плаќаа по 30,71 денари за метар кубен вода, што е за 1,32 денари повеќе во споредба со актуелната цена.
Од годинава ЈП Водовод и канализација има обврска да воведе дополнителна давачка за пречистителна станица која чини 2,04 денари за метар кубен.
Со оваа давачка иако се намалува цената на услугата за водоснабдување и канализација од 29,39 денари, на 28,67 денари за метар кубен, сепак крајната сметка што ќе ја добиеа потрошувачите ќе биде повисока.