Адвокатот Петре Шилегов, бранител на еден од обвинетите за пожарот во Кочани, Шефкет Хазари од Министерството за економија, на денешното рочиште од судскиот процес, изјави дека долго размислувал дали да оди со читање на кривичните дела и дека тоа мора да го стори, затоа што, како што вели, правно по-аналфабетски памфлет немам видено, бидејќи ова не заслужува да носи име обвинителен акт.
На неговиот клиент му се става на товар дека бил свесен дека може да настапи штетна последица и се согласил со нејзиното настанување, рече Шилегов во воведните зборови од одбраната на Хазари.
-Делото што се става на товар вели: Тој што со пожар, поплава, експлозија и јонизирачко зрачење, моторна пила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство, ќе предизвика значителна опасност за животот на луѓето или имотот, од поголеми размери, па се предвидува казната. Тоа е делото што според Обвинителството го сторил обвинетиот Хазири. Со кои средства? Лиценцата за угостителска дејност е изработена и обработена во Министерството за економија, а од Хазари била проверена, рече, меѓу другото Шилегов.
Адвокатот вели дека е нејасно како може проверка на лиценца или давање согласност во интервал од 2013 до 2019 година да предизвика пожар на 16-ти март 2025 во дискотеката во Кочани.
Хазари бил вработен како државен советник во Министерството за економија во тој период, а во моментот е пензионер.
-Нејасно е како предизвикал пожар или дал придонес во пожарот. Во суштина кривичното дело „Предизвикува општа опасност“ е непосредно дело и моментално. Сите можевме да видиме кој е тој момент и кој го предизвикал пожарот. Дел од тие лица се починати и не сакам на тој момент да се враќам. По содржина не може да биде поинаку, кажа Шилегов.