Адвокатот на еден од обвинетите за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, Петре Шилегов вели дека однесувањето на Обвинителството е несериозно кон судот, одбраната, обвинетите лица и семејствата на загинатите.
-Ако дозволиме било што да поминува, како што посакува Обвинителството, на крајот на денот ние нема да дојдеме до она за што сите се залагаме – одговорните лица да ја сносат одговорноста, а невините лица кои доста ги има во овој предмет, со оглед на квалифација на делото, да бидат ослободени од вина. Со ваквото однесување на Обвинителството, не се дава шанса на самата постапка, рече Шилегов во изјава за дел од медиумите.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, продолжува на 2 декември. На денешното рочиште присутните законски застапници на општетените пред Судот изјавија дека се приклучуваат кон кривичен прогон и дека своите права и оштетно побарување ќе ги остваруваат во граѓанска постапка.
Судијката Диана Груевска Илиевска информираше дека утрешното рочиште се отповикува, а на следното рочиште треба да бидат повикани и останатите законски застапници на оштетените за да може и тие да се произнесат.
Судијката информираше дека Судот ги прифаќа приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, и дека Судот во текот на денешниот и утрешниот ден до сите обвинети ќе изврши достава.