Адвокатот Петре Шилегов чиј клиент е еден од обвинетите за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во име на целата одбрана побара да се прекине судењето, велејќи дека Обвинителството имало двојни аршини во предметот за полицајците кој што е во надлежност на ОЈО ГООК и за овој предмет чие судење се одржува во судницата во затворот „Идризово“.
Судијката не прифатила и образложила дека таа не може да му наложи на Обвинителството какво да биде обвинението.
-Очигледни се двојните аршини што може во последниот период сериозно да ги видиме од страна на Јавното обвинителство. Нема да навлегувам во најактуелното туку во конкретниот период. ОЈО кој е единствен орган по закон има два предмети – овој и против полицајците кој што го води ГОКК. По закон, ОЈО е единствен орган, а очигледно не ги третира граѓаните подеднакво. Имаме разлика во правната квалификација за овие луѓе и правната квалификација за предметот што го води ГОКК. Таква една диспропорција е дискриминација и тоа што го прави ОЈО е злоупотреба на службената должност кај определени обвинители, рече Шилегов во изјава за медиумите.
Со искази на петмина сведоци на Обвинителството продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 63 луѓе, над 220 беа повредени. За тешки дела против општата сигурност им се суди на 35 физички и три правни лица. Претходното рочиште беше одложено, четвртообвинетиот, сопственикот на објектот беше на болничко лекување.