Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната трибина за судбината на Универзалната сала предложи реставрација на постојниот објект на Универзална сала и изградба на нова поголема сала за која веќе одлучил локацијата да биде кај сегашните оранжерии на „Паркови и зеленило“.

-Како дефинитивна одлука за локацијата, како градоначалник одлучив да биде кај сегашните органжерии на „Паркови и зеленило“, зашто мислам дека ако се влезе во изградба на нов мултимедијален објект, тоа треба да биде триумф на македонската архитектура. Затоа што просторот тука дозволува да изградите симбол на градот. Тука може да се реши и проблемот со летна сцена. Сакам до доцна есен да имаме дефинитивна слика и да влеземе во државното буџетирањето за 2021 година, рече градоначалникот.
Тој најави дека откако ќе заврши конкурсот со кој се предвидува изградба на летна сцена на сегашното место на Универзална сала, ќе биде распишан нов конкурс и за реставрација на Универзална сала па ќе се носат конечни одлуки.