Водата поскапува поради прочистување на отпадните води. Со мартовската сметка скопјани ќе плаќаат дополнително 22 денари, односно поскапувањето е за 2,04 денари за еден кубен метар вода, информира ТВ24.

Во новата цена е влезен трошокот што ќе го прават две пречистителни станици на реките Лепенец и Вардар, ова го изјави градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов на брифингот со новинари. Шилегов посочи дека ниту Град Скопје, ниту ЈП „Водовод и канализација„ не побарале зголемување на цената туку дека цената на водата ја одредува Регулаторната комисија за енергетика.
„Од трите понудени цени кои Регулаторна ги препорача, Скопје ја одбра најевтината и очекуваме дека просечната цена ќе биде 500 денари, а граѓаните ќе плаќаат 52- денари.“ – вели Петре Шилегов – градоначалник на град Скопје.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат, велат ова е втор шок за граѓаните со одлуката за зголемување на цената на водата.
„СДСМ повторно удира по џебот на граѓаните. Се зголемува цената на водата. Ова е втор шок по зголемувањето на акцизата за дизелот од 3.5 денари. Од јануари граѓаните плаќаат поскап дизел, наскоро ќе плаќаат и поскапа вода“, – изјави Благица Ласовска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На денешниот брифинг со новинарите таткото на град Скопје Петре Шилегов и директорот на ЈП „Водовод и канализација„, Душко Вескоски појаснија дека корегираната цена на водните услуги е прифатена од УО на ЈП за Водовод и канализација. И дека веќе во среда предлозите треба да се најдат на гласање во Советот на Град Скопје.