Кандидатот за градоначалник за Скопје од СДСМ, Петре Шилегов, вчера во промотивниот штаб на присутните им ги претставуваше новите сообраќајни решенија за главниот град.

Северен булеварски прстен, централни магистрали, мостови, тунели и нови булевари беа прикажани на видеопрезентацијата и беа дискутирани со присутните.
„Сакаме систематско решение. Сакаме коридори што ќе го поврзат градот, што ќе им служат на сите еднакво. Даваме приоритет на транзитните и градските магистрали. Досегашниот автоцентричен дизајн на улиците целосно го отфрламе бидејќи улицата не е само коловоз. Секоја идна улица, мост или булевар во Скопје ќе има задолжителен хуманизиран и безбеден простор за пешаци, велосипедисти и јавен превоз“, изјави Шилегов.
Шилегов на шеснаесеттиот ден од кампањата вчера ги потпиша предлог-законот за урбано зеленило и платформата на граѓанската иницијатива „О2 коалиција“.
Денеска, на ден пред изборниот молк, ќе потпише меморандум за соработка со иницијативата „На точак“.