Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов е во работна посета на Париз, каде што одржува состаноци со заинтересирани страни на полето на урбаниот развој и меѓународната соработка.

Тој денеска имаше излагање за приоритетите на Град Скопје пред членовите на работната група за одржлив град при МЕДЕФ (Стопанската комора на Франција), и одржа средби со заинтересирани компании коишто нудат свои производи од областа на градежништвото, енергетската ефикасност, урбаната мобилност, управувањето со отпад…
Во поздравниот говор пред стопанствениците, соопшти прес-службата на Град Скопје, Шилегов информираше за борбата со загадувањето како најгорлив проблем на Скопје, плановите за масовно зазеленување на јавните простори, третманот на отпадните води, субвенциите за градските и приватните автобуски превозници, како и развојот на велосипедизмот во Скопје.
– Насочени сме кон обновување на соработката со збратимените градови и градовите од пријателските европски земји. Зајакнувањето на меѓународните односи има големо влијание врз иднината на градот и затоа толку време и напори посветуваме на соработката. Се надевам дека француските компании ќе најдат начин како да ги искористат отворените врати на Град Скопје за со своите производи и искуства да помогнат во изградбата и модернизацијата на градот, изјави Шилегов во обраќањето пред француските стопанственици.
Скопскиот градоначалник денеска оствари средба и со заменик-градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски, а за утре е планирана средба и со Флоранс Манжен, директорка на Директоратот за Континентална Европа при француското Министерство за надворешни работи и Европа.