Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов бил во посета на Подгорица, по повод одбележувањето на Денот на независноста на Црна Гора.
„По повод одбележувањето на Денот на независноста на Црна Гора, 21. Мај, на покана на мојот драг пријател градоначалникот Иван Вуковиќ, ја посетивме Подгорица. Свечено ја отворивме реконструираната Куслевова куќа, еден од најстарите објекти во центарот на Подгорица, изградена во почетокот на XX век од страна на стоматологот со македонско потекло др. Христо Куслев, кој пак претставува еден од симболите на нашата историска врска и пријателство со Црна Гора“, објави Шилегов.
Според него, при посетата присуствувале и на поставувањето на камен темелникот на новото училиште во населбата Толоши, завршувањето на изградбата на југо-западната обиколница на Подгорица со новиот мост на Морача, како и на откривањето на споменикот на црногорската принцеза и италијанска кралица Јелена Петровиќ Савојска – една од најзначајните жени во црногорската историја.