Денешниов ден го искористивме за ден без автомобили, односно „улици за луѓе“ што е една хумана мисија која ја зацртавме пред 4 години, а се однесува на одржливата урбана мобилност, објави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов по одржувањето на Денот без автомобили, под мотото „Улици за луѓе“ денеска во Аеродром.
Според него, она по што се разликува овој ден без автомобили од претходните е фактот што за првпат во Скопје овој ден се организира надвор од Европската недела на мобилноста и за првпат се затвора една градска улица во времетраење од 12 часа, за разлика од претходните затворања кои траеле симболични 2-3 часа.
„Ова е само мал дел од резултатот од она што ние го работиме во изминативе три и пол години, надминавме над 100 километри добро организирани велосипедски патеки, а такво нешто ќе се случува и токму на оваа улица со нејзината реконструкција, која наскоро ќе биде велосипедски спој за граѓаните од Лисиче со новиот мост“, истакна Шилегов.
Шилегов упати благодарност за оваа иницијатива до неформалната група велосипедисти „НаТочак“ која е долгогодишен партнер на градот во делот на унапредувањето на велосипедските политики.
Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а ова е докажано низ многу примери во Европа и во светот.