Шилегов: За малите и средните фирми предвидуваме помош од 140 милиони евра

од Vladimir Zorba
79 прегледи

timthumb

Носителот на листата за пратеници од СДСМ во Шестата изборна единица Петре Шилегов денеска во Гостивар изјави дека планираат помош од 140 милиони евра за малите и средните компании.

Тој посочи дека се обрзуваат до крајот на четиригодишниот мандат минималната плата да изнесува 16.000 денари, а просечната плата да биде 30.000 денари. За младите кои ќе почнат сопствен бизнис, како што рече Шилегов, се предвидува поддршка во кредити од 15 илјади евра со еден процент камата, а ќе бидат стимулирани сите фирми кои ќе вработуваат млади луѓе и лица под социјален ризик.

Осврнувајќи се на изјавите на неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев на вчерашниот митинг, Шилегов рече дека 11 години ВМРО-ДПМНЕ ветувале поголеми плати, инвестиции и вработувања.

– За тие 11 години можеа да покажат сé што знаат и умеат. Ветуваат наводна поддршка од 100 милиони евра за фирмите кои ќе бидат извозно ориентирани со пет проценти камата. Допрва им текна дека во земјава постојат луѓе, постојат граѓани. Ние сме свесни дека столбот на секоја здрава економија се домашните фирми, малите и средни претпријатија, за кои предвидуваме помош од 140 милиони евра, рече Шилегов.