Схинас за европскиот пат на Македонија: Условите се јасни – никој не сака да внесе проблеми во рамките на ЕУ

од Nikola Popovski
70 прегледи

„Позицијата на ЕК за земјите-кандидати е кристално јасна. Има перспектива за сите земји кандидати, но нема да има споредни врати, кратки патеки или ставање на проблемите под тепих“. Вака потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас ја коментирал ситуацијата со европскиот пат на Македонија, пренесува „Dir.bg“.

„Земјите-кандидатки мора да ги исполнат сите предуслови. Можам да ве уверам дека никој не сака да внесе никакви проблеми во рамките на Европската унија. Ова е нешто што никому не му помогнало во минатото. Пред се мислам на граничните спорови меѓу Хрватска и Словенија, кои тешко се решаваа во ЕУ. Значи, воопшто нема желба – која било земја кандидат да ги донесе своите проблеми во Европската унија. Овие прашања мора да се решат или пред или за време на процесот на пристапување, но, не после тоа“, рекол Схинас во интервју за „Bulgaria ON AIR“.

Предусловот за уставни измени е истовремено барање на Бугарија и на Европската унија за почеток на преговорите со Скопје, додал Схинас.

Тој ги коментирал и односите меѓу Скопје и Атина по Преспанскиот договор.

„Мислам дека Договорот од Преспа, со кој се уреди уставното име, беше клучен фактор за поголема стабилност во претпристапниот процес. Но, се разбира, во меѓувреме имаше промена на власта во С.Македонија, и иако новите лидери не покажаа желба да го ревидираат Договорот од Преспа, многу често се чувствува искушението вербално да се прекрши“, рекол европскиот функционер, кој изразил надеж дека тоа нема да се претвори во институционална закана за Договорот од Преспа. Ги нагласил добрососедските односи како клучни за ЕУ перспективата.

Слични содржини