Ширум Русија нови повици за регрутација

од Stefanija Kuzmanovska
261 прегледи

Во Вороњеж, јужно од Москва, воените канцеларии за регрутирање испраќаат покани до мажи на возраст за војска, велејќи дека треба да ги ажурираат своите информации за контакт, пренесува РСЕ.

Ова се случи и во областа Пенза, малку поисточно, каде што „се разјаснуваат личните податоци“, изјави неименуван воен претставник за руската државна новинска агенција РИА Новости.

Ист случај е и во Удмуртија, регион на реката Волга, што го поттикна регионалниот гувернер да се појави на државната телевизија за да се обиде да ги увери луѓето дека не е во тек задолжителна мобилизација, туку само повик за волонтери кои се подготвени „да ја бранат татковината, да ги бранат нејзините интереси“.

Во 13-те месеци откако претседателот Владимир Путин ја започна најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна, руските сили претрпеа тешки – некои западни официјални лица велат „катастрофални“ – загуби. Проценките објавени неодамна од американскиот Стејт департмент зборуваат за над 200.000 загинати и ранети Руси.

Сега, кога жестоката руска зимска офанзива во источен Донбас влегува во вториот месец и Украина ја најавува својата пролетна офанзива, руските власти повторно се обидуваат да го зголемат бројот на војниците.

Во најмалку 42 региони низ Русија се испраќаат повици до мажи на возраст за војска, изјави адвокатот за човекови права Павел Чиков. Еден сајт за вести познат по својата поддршка на владината политика изјави дека официјалната цел е да се регрутираат до 400.000 мажи.

„Што и да е, тоа не е мобилизација“, инсистира Кремљ.

„Нема такви разговори“, изјави на 15 март портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според државната новинска агенција ТАСС, како одговор на прашањето: „Дали во Кремљ се разговара за втор бран на мобилизација?“.

Но, иако сè уште не е масовна кампања за регрутирање, може да стане таква.

Слични содржини