Во шкотскиот парламент денеска се разгледува планот санитарните производи за жени да бидат достапни за сите нив. Ако помине овој предлог, Шкотска би станала прва држава која го регулира проблемот на ваков начин.
Со оваа одлука, производите како влошки и тампони би биле бесплатни за сите жени на кои им се потребни и ќе бидат достапни на определени јавни места, во заедници, младински клубови и аптеки. Се очекува дека парламентот ќе го изгласа предлогот.
Според проценките, целиот овој проект би чинел помалку од 30 милиони евра. Предлогот прва го дала пратеничката Моника Ленон во 2017 година и оттогаш истиот неколкупати бил разгледуван и доработуван.
„Тоа не се луксузни предмети. Тие се навистина неопходни и ниту една жена во Шкотска не смее да биде без производи за менструација“, изјавила Ленон своевремено.
Во 2018 година Шкотска стана прва земја која обезбеди бесплатни санитарни производи во школите, факултетите и на универзитетите.
Глобално, загрижувачки е бројот на жени кои немаат услови за лесно достапни санитарни производи и се принудени да ги купуваат, иако не се во финансиска состојба за тоа, или пак користат недоволно хигиенски алтернативи на стандардните влошки и тампони.