Ребалансот на Буџетот за 2022 година обезбедува продолжување на мерките и политиките за справување со последиците од кризата особено за најранливите категории граѓани, порача денеска на собраниската седница, пратеничката на СДСМ, Санела Шкријељ.
„Со овој ребаланс се предвидени средства за реализација на сетот мерки што го предложивме, за унапредување на правата на лицата со попреченост. Целта на овој пакет мерки за кој се обезбедени средства со ребалансот не е само зголемување на висината на правата, туку и зголемување на обемот и достапноста до квалитетни услуги во делот на социјалната заштита, образованието и здравството. Меѓу мерките од овој пакет е и ослободување од партиципација за болничко специјалистичко лекување за лицата со попреченост над 26 години возраст. Понатаму, покачување за 15 отсто на правото за посебен додаток за сите три категории. Со ребалансот се обезбедуваат средства за ангажирање на 225 образовни асистенти, а сите знаеме дека минатата година се обезбедија средства за вработување на 500 образовани асистенти” порача Шкријељ.
Пратеничката посочи дека со ребалансот се зголемуваат блок дотациите за општините за градинките и за училиштата.
„Тука е вкалкулирана исплатата на зголемувањето на платите за 15 отсто за вработените во градинките и училиштата, почнувајќи од септемвриската плата, меѓутоа, дел од овие средства е наменет и за материјални трошоци, за подмирување на обврските на установите што ќе има ефект врз ублажувањето на последиците од енергетската криза и порастот на цените. Исто така вклучени се и потребните средства за неопходниот кадар за започнување со работа на детски градинки чие отворање е планирано во текот, односно до крајот на оваа година. До крајот на годината, во Скопје е предвидено отворање на објекти во општините Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром и Сопиште, во Чаир и Арачиново се во изградба, а во Центар започнува изградба на нова градинка.”, истакна Шкријељ.
Шкријељ додаде и дека од септември следува зголемување на пензиите согласно новата методологија , за што средствата се исто така обезбедени преку ребалансот на Буџетот.