Од овој месец, минималната плата повторно се зголемува и таа ќе изнесува 20.175 денари, односно за над 2.000 денари повеќе од досегашната минимална плата која изнесуваше 18.000 денари. Согласно методологијата за усогласување на пензиите, од овој месец ќе растат и пензиите за 330.000 пензионери, порача денеска пратеничката на СДСМ, Санела Шкријељ.
Според проценките, додава Шкријељ пензиите ќе пораснат за околу седум отсто што значи дека просечната пензија во март оваа година ќе се зголеми за над 1.200 денари, а следното зголемување согласно Законот ќе се случи во септември оваа година.
-Ова почитувани е пример за вистинска грижа за сите граѓани. Затоа како одговорна партија ќе продолжиме да работиме посветено на унапредување на животниот стандард на сите граѓани, рече пратеничката на прес-конференција во седиштето на СДСМ.
Владата предводена од премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски ги замрзна и ги намали цените на тестенините за 15 отсто и на млечните производи за 10 отсто во малопродажбата, споредено со цените од 1 март. Ваквиот чекор следува откако владиниот кабинет ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а ја укина субвенционираната цена на струјата за производителите.