Сите деца, без оглед на финансиската состојба на семејството, треба да имаат ист пристап до градинка. Во Германија, сепак, тоа не е случај. Според истражувањето на Институтот за германска економија (IW), побогатите градски квартови имаат повеќе градинки од посиромашните.
„Таму каде што предучилишното образование е најпотребно, тоа е и најретко“, наведуваат авторите, според Германската новинска агенција (dpa).
IW ја анализираше ситуацијата во повеќе од 2.600 населби во 52 германски градови, користејќи детални официјални податоци за семејните структури и зависноста на населението од социјална помош.
Иако бројот на места „масовно се зголеми од воведувањето на законското право на место во градинка за сите деца од двегодишна возраст во 2013 година, понудата не е во чекор со зголемувањето на побарувачката“, се наведува во студијата.
Имено, родителите на околу 300.000 деца во последните години залудно се обидувале да најдат место во градинка.
Главната причина за нееднаквата понуда на места во градинките според социјалната средина е тоа што религиозните и приватните непрофитни градинки почесто се наоѓаат во побогати отколку во посиромашни населби.