Шокантни тврдења за бракот на Доналд и Меланија Трамп: „Практично се разделени и живеат одвоени животи“

од Nikola Popovski
150 прегледи

Биографот Мајкл Волф изјави дека Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп се практично „разделени“ откако се појавија извештаи дека Меланија поминала помалку од две недели во Белата куќа откако Трамп е реизбран за претседател на Соединетите Американски Држави.

Волф, автор на неколку книги кои беа многу критични кон Трамп во текот на годините, ги изнесе овие тврдења во вторник во гостување во подкастот „Дејли бист“.

„Тие очигледно не се во брак на никаков начин како што ние би го дефинирале бракот“, рече Волф како одговор на прашање од водителката Џоана Коулс за тоа колку е вклучена првата дама во втората администрација на Трамп.

„Мислам дека можеме поконкретно да кажеме дека тие живеат одвоени животи“, продолжиl Волф. „Тие се разделени. Претседателот на Соединетите Американски Држави и Првата дама се разделени.“

Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чунг, одговори на коментарите на Волф, нарекувајќи го „брборливец“ и тврдејќи дека Волф „е широко дискредитиран поради неговите очигледни лаги и измислици“, објавува „Индипендент“.

„Тој е идиот од највисок ред, а неговиот ум, искривен од синдромот на опсесија со Трамп, го навел да води мизерен живот надвор од допир со реалноста“, додаде Чунг.

Шпекулациите за состојбата на бракот на Доналд и Меланија Трамп станаа чести поради ретките појавувања на првата дама во Белата куќа.

Откако Трамп се врати на функцијата на 20 јануари, Меланија помина помалку од 14 дена во Белата куќа, според проценките на „Њујорк тајмс“.

Првата дама имаше само неколку појавувања заедно со својот сопруг во последните месеци, вклучително и присуството на погребот на покојниот папа Франциск, денот пред нејзиниот 55-ти роденден, и годишниот „лов на велигденски јајца“ во Белата куќа.

Кога претседателот и првата дама се вратија во САД по погребот на роденденот на Меланија, тргнаа по различни патишта – Меланија го напушти аеродромот со автомобил, додека претседателот Трамп беше префрлен во хеликоптерот „Марин Уан“.

Во интервју за „Фокс енд Френдс“ пред инаугурацијата, Меланија откри како планира да служи како прва дама по втор пат. „Ќе бидам во Белата куќа“, рече таа кога ја прашаа каде планира да го поминува поголемиот дел од времето. „И знаете, кога треба да бидам во Њујорк, ќе бидам во Њујорк. Кога треба да бидам во Палм Бич, ќе бидам во Палм Бич.“

Таа додаде дека нејзин приоритет е „да биде мајка“ на нивниот син Барон, кој сега има 19 години, но и „да биде прва дама и сопруга“.

Две лица блиски до Меланија за „Њујорк тајмс“ изјавија дека првата дама била „длабоко вознемирена“ од двата неуспешни обиди за атентат врз Трамп минатото лето. Тие изјавија дека Меланија „со години се грижела за безбедноста на своето семејство“.

Паоло Замполи, поранешен агент за модели кој првпат ја забележа Меланија во Милано во 1995 година и ја запозна со Трамп во клубот „Кит Кат“ во Њујорк во 1998 година, ги негираше тврдењата за нејзиното отсуство од Белата куќа.

„Таа ја сака Белата куќа“, рече Замполи, кој сега е специјален претставник на САД за глобални партнерства. „И таа ја обожава улогата на прва дама.“

Слични содржини