Во паркот „Dinosaur Valley“ во Тексас, поради екстремни суши пресушила реката па биле пронајдени траги од диносауруси од пред околу 113 милиони години, објави во понеделникот паркот во своето официјално соопштение.
– Повеќето траги неодамна откриени во различни делови на реката во паркот припаѓаат на акрокантосаурус. Станува збор за диносаурус кој во зрелоста бил висок околу четири и пол метри и тежок близу седум тони – изјави за Си-Ен-Ен претставничката на паркот Стефани Салинас Гарсија.
– Во паркот во Глен Роуз, Тексас, најдовме и траги од сауропосеидон, кој би бил висок околу 18 метри и тежок околу 44 тони – додаде таа.
Трагите наскоро повторно ќе бидат прекриени
Поради екстремните суши, голем број реки во паркот пресушија, дури повеќе од шест отсто од територијата на Тексас минатата недела беше погодена од силна суша.
Под нормални временски услови, трагите на диносаурусите во коритото на реката би биле под вода и прекриени со талог.
– Секогаш е возбудливо да се најдат нови траги од диносаурус во паркот – рече Гарсија.
Експертите од оваа област велат дека трагите наскоро повторно ќе бидат прекриени со вода поради новата рунда врнежи што ја најавуваат метеоролозите.
– Иако овие траги ќе бидат видливи за кратко, ние сме многу возбудени. Паркот ќе продолжи да ги штити овие траги стари 113 милиони години не само за сегашните туку и за идните генерации – рече Гарсија.