Германскиот канцелар Олаф Шолц, лидерот на најблискиот сојузник на Франција, наводно бил изненаден од назначувањето на 34-годишниот поранешен министер за образование Габриел Атал за нов премиер, кој на тој начин стана еден од најмладите премиери во светот.
Берлин го смета Атал за застапник на француско-германските односи и очекува „континуитет“ на неговиот мандат пред изборите во ЕУ, со посебен фокус на зближување на младите луѓе, навеле локални политичари за „Еурактив“.
На прашањето за возраста на Атал, портпаролот на германската влада Штефен Хебстрајт им рече на новинарите дека канцеларот бил прилично изненаден, како и многу француски набљудувачи, кога бил објавен изборот.
Искуството и возраста на Атал привлекоа внимание во Франција, бидејќи тој е најмладиот премиер во земјата. Претходниот рекордер, Лоран Фабиус, имал 37 години кога ја презел функцијата во 1984 година.
Некои од најблиските сојузници на Макрон, наводно, предупредувале за Атал, вклучително и политичките ветерани Бруно Ле Мер и Жералд Дарманин, кои ги држеа ресорите на економијата и внатрешните работи.
Според пишувањата на медиумите, Атал се смета за премногу млад за да има авторитет над неколку години постари од него министри.
„Имав две грижи. Првата е дека е проблем да се напушти министерството за образование за толку кратко време по пристигнувањето. Втората е дека е потребно искуство за да се води земја која се соочува со толку длабоки потешкотии“, изјавил за Parisienne високиот советник и шеф на партијата Модем, политичкиот сојузник на Макрон, Франсоа Баиро.
Исто така, се верува дека искуството ќе биде важно за маневрирање на чувствителните француско-германски односи само неколку месеци пред изборите во ЕУ.
Познато е дека владите на двете земји се среќаваат двапати годишно, а последната средба придонесе за решавање на конфликтот околу реформата на европскиот пазар на електрична енергија. Според информациите, германската влада од новиот премиер очекува континуитет во француско-германските односи.