Шолц: Не дозволувајте сопственици на социјални мрежи да одлучуваат за изборите во Германија

од Vladimir Zorba
22 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц во своето новогодишно обраќање ги повика граѓаните да не дозволуваат „сопственици на социјални медиуми“ да одлучуваат за исходот на германските избори, откако извршниот директор на X, Илон Маск, постојано ја поддржува екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD).

Шолц изјави дека само германските граѓани имаат моќ да одлучат „по кој пат ќе тргне Германија“, по изборите закажани за 23 февруари, пишува „Гардијан“.

„Тоа нема да биде определено од сопствениците на социјални мрежи“, рече Шолц, додавајќи дека судбината на германското општество зависи од „огромното мнозинство разумни и пристојни луѓе“.

Иако директно не го спомна Маск или неговата платформа Х, Шолц ја повика Германија да се спротивстави на манипулациите и да се бори за нејзината демократија.

„На крајот на краиштата, вообичаено е да се прават желби на Нова година. Мојата желба е да не дозволиме да не свртат еден против друг“, рече Шолц.

Тој рече дека по нападот на божиќниот пазар во Магдебург на 20 декември, во кој загинаа пет лица, а повеќе од 200 беа повредени, на социјалните мрежи има бран дезинформации.

„Многу од тие гласини подоцна беа демантирани. Овие работи не разделуваат и не ослабуваат. Тоа не е добро за нашата земја“, рече Шолц.

Портпаролката на канцеларката Кристијана Хофман го обвини Маск дека се обидува да се меша во изборниот процес во Германија, откако американскиот бизнисмен отворено ја поддржа AfD, партија која германските власти неколку пати ја означија како екстремистичка.

Маск на „X“ тврдеше дека „само AfD може да ја спаси Германија“. AfD во моментов е на второто место во анкетите со поддршка од околу 19 отсто.

Слични содржини