Шолц: Соработка со Кина да, но без зависност од неа

од Stefanija Kuzmanovska
229 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска по повод усвојувањето на стратегијата кон Кина изјави дека Берлин продолжува да соработува со Пекинг, но дека сака да избегне зависност од него.

„Продолжуваме да соработуваме со Кина, економски и за заштита на климата. Стратегијата на Кина им дава нова рамка на нашите односи“, напиша Шолц на Твитер.

Тој додаде дека Германија секогаш се занимава со клучни прашања, како што се човековите права, владеењето на правото и фер конкуренцијата.

„Целта не е да се прекине врската. Сепак, сакаме да избегнеме зависност во иднина. Со кинеската стратегија, ние ѝ одговараме на Кина, која се менува и зазема поофанзивен став“, рече Шолц.

Тој посочи дека „Кина е и ќе остане партнер, конкурент и системски ривал“ за Германија.

Во истата прилика германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок порача дека Берлин мора да ги намали ризиците во односите со Кина.

„Сакаме да работиме заедно со Кина, бидејќи тоа ни е потребно. Но, и ние во Европа сме ѝ потребни на Кина“, напиша Бербок на Твитер.

Германската влада денеска ја усвои долгоочекуваната стратегија кон Кина, а документот е усвоен по неколкумесечни препукувања во тричлената владина коалиција за тоа колку да се заостри односот кон таа велесила, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини