Шоле дојде со црна папка и си замина, но не донесе нова „црна листа“

од Nikola Popovski
198 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски вчера информира дека разговарал со високиот советник на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, за намерата Северна Македонија да постигне „владеење на правото на ниво на ЕУ до 2030 година“ и додаде дека „црната листа“ на американски санкции не била на дневен ред.

Шоле пристигна во Скопје со црна папка, се задржа краток период во Владата и си замина, без да даде изјава за медиумите за што точно разговарале на средбата.

Ковачевски потврди дека дискутирале и за уставните амандмани со цел да се внесат Бугарите во Уставот на Северна Македонија, „со оглед дека уставните измени се една од одлуките што ќе треба да се донесат до полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ“.

Според премиерот, на таа средба не станало збор за темата околу американската листа на санкции, таканаречената „црна листа“, туку се разговарало за енергетската безбедност, справувањето со економската криза, овогодинешното претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ, европската интеграција, борба против корупцијата и владеење на правото.

Во контекст на борбата против корупцијата и владеењето на правото, како што рече, се зборувало за напредокот во последните години и за предизвиците на Северна Македонија да ја постигне целта за супериорно владеење на правото на ниво на ЕУ како аспирант за членство во Унијата во 2030 година.

Ковачевски посочи дека ова не е негова прва средба со високиот претставник од Вашингтон, но ја смета за особено значајна бидејќи е во клучен момент за регионот и за Европа, со оглед на војната во Украина и затоа што Северна Македонија претседава со ОБСЕ.

Слични содржини