Шпанија нема да гласа за прием на Косово во Советот на Европа

од Nikola Popovski
354 прегледи

Министерството за надворешни работи на Шпанија вчера соопштило дека земјата ќе остане на ставот кон Косово во однос на членството во Советот на Европа, односно дека нема да гласа за прием на нашиот северен сосед.

„Во однос на Комитетот на министри, каде беше претставен ставот на Шпанија, она што можеме да го кажеме е дека Шпанија останува на ставот за Косово“, се вели во одговорот во кој има фуснота за Косово, пренесуваат косовските медиуми.

Се наведува дека и Шпанија не гледа друг начин за решавање на спорот меѓу Косово и Србија, освен преку дијалог, поради што Мадрид го поддржува дијалогот со посредство на високиот претставник на Европската унија.

Парламентарното собрание на Советот на Европа денес треба да гласа за членството на Косово. Комитетот за правни прашања и човекови права вчера го поддржа предлог-мислењето за членството на Косово во Советот на Европа.

Сепак, српската делегација поднесе 10 амандмани на текстот на препораката за прием, а меѓу нив и еден со кој се бара одложување на одлуката за барањето за членство на Косово.

Техничкиот премиер Талат Џафери вчера соопшти дека Македонија ќе гласа за прием на Косово во Советот на Европа. Тој рече дека нашата земја ќе ја поддржи Приштина, бидејќи смета дека Косово и земјите од регионот „треба да бидат членки на сите меѓународни организации“. Џафери ова го кажа при посетата на Косово каде што се сретна со тамошната претседателка Вјоса Османи.

Слични содржини