Шпанското Министерство за здравство објави дека во последните 24 часа се регистрирани 3.715 новозаразени со коронавирус, што е рекорден број на заразени за еден ден откако земјата излезе од тромесечната изолација во средината на јуни.
Со 136 случаи на заразени на 100.000 жители во последните две недели, Шпанија е на врвот на листата на европски земји според тој индикатор. Ова е еден од главните индикатори што ги следат епидемиолозите.
Мадридскиот регион, каде живеат 6,6 милиони луѓе, стана едно од жариштата во новиот бран зараза, кое властите најмногу го поврзуваа со семејни собири и ноќниот живот.
Новите регулативи што вклучуваат скратување на работата на ноќните клубови и забраната за пушење надвор, ќе стапат во сила утре во главниот град на Шпанија.
Уште 127 лица починаа во земјата во последните 24 часа, со што вкупниот број на смртни случаи од вирусот достигна скоро 28.800.