Шпански свештеник осуден на 30 години затвор за злоставување на малолетници

од Nikola Popovski

Врховниот суд на Шпанија денеска осуди поранешен свештеник на 30 години затвор за злоставување на седум малолетници во католички интернат пред речиси една деценија, кога работел како нивен учител.

Во својата одлука, судот соопшти дека свештеникот ја користел својата положба за несоодветно да ги допира гениталиите на момчињата, на пример додека се преправал дека си играат во базен или во приватни соби под изговор за медицински третман, пренесува Ројтерс.

Судот заклучил „дека допирањето е очигледно од сексуална природа“ и наложил осудениот да плати казна од 52.920 евра и отштета од 2.000 евра на секоја од жртвите.

Наводите за злоупотреба на деца од страна на католичкото свештенство и можното прикривање на црквата се појавија во последните месеци во Шпанија, неколку години откако слични скандали ја потресоа црквата во други земји како САД, Ирска и Франција.

Црковните службеници не беа веднаш достапни за коментар, а поранешниот свештеник негираше дека сторил нешто лошо во минатото.

Се наведува дека верскиот авторитет во централната провинција Сиудад Реал му го одзела чинот на свештеникот во 2019 година и го пријавил случајот на обвинителите по внатрешна истрага за злоупотреби извршени кога предавал тинејџери.

Весникот „Ел Паис“ во декември објави повеќе од 1.200 наводни случаи на злоупотреба од страна на свештенството во текот на седум децении, а парламентот подоцна го задолжил државниот правобранител да ги истражи.

Народниот правобранител Ангел Габилондо денеска изјави дека неговата канцеларија веќе помогнала на 201 жртва во првите два месеци од истрагата.

Шпанската католичка црква на почетокот на 2022 година објави дека длабоко жали поради злоставувањата и дека ќе соработува со властите и ќе обезбеди транспарентност, помош и отштета за жртвите.

Ројтерс јавува дека е започната истрага на ниво на епархија и е надгледувана од приватна адвокатска канцеларија.

Слични содржини