Шпанскиот премиер најавува мошне скора ратификација на Протоколот

од Vladimir Zorba
105 прегледи

Шпанскиот премиер Пендро Санчез му дал ветување на премиерот Зоран Заев дека неговата земја мошне скоро ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.

Заев вчера на маргините на Самитот на НАТО во Лондон добил лично уверување од
од Санчез дека Шпанија многу скоро, во јануари ќе ја депонира ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја за членство во НАТО во Вашингтон.

Ратификацијата на Протоколот останува да биде завршена уште во оваа земја, каде на почетокот на минатиот месец се одржаа избори, но таму треба да се формира новата Влада.

По изборите во ноември, шпанските пратеници завчера се вратија во Парламентот, но и понатаму нема јасни знаци дека наскоро ќе биде формирана нова влада и ќе бидат избегнати нови избори. Кралот Фелипе Шестти по конститутивната седница на Парламентот следните неколку недели треба да се сретне со лидерите на парламентарните партии со цел да се избере мандатар.

Актуелниот премиер Педро Санчез има најголеми шанси да биде мандатар, бидејќи неговата Социјалистичка партија на изборите одржани на 11 октомври освои 120 пратенички места. Санчез потпиша договор со левичарската партија „Заедно можеме“ (Унидас Подемос), која освои 32 места во Парламентот. За формирање владејачка коалиција потребни се 176 од вкупно 350 пратеници во Парламентот.

Делегација на Северна Македонија, предводена од премиерот Заев вчера и завчера учествуваше на Самитот на НАТО во Лондон каде беше поздравена од генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, но и од лидерите на земјите-членки како 30 членка на НАТО.

– Овие два дена во Лондон, кога нашата Северна Македонија е претставена на највисоко владино ниво на Состанокот на лидерите на НАТО, по повод 70-годишнината од Алијансата, се остварува на сонот, заедничкиот сон за национален успех на сите наши граѓани. Иднината на Северна Македонија има адреса. На таа адреса е запишана трајната безбедност и сигурност за земјата и за граѓаните. Таа адреса е Главното Седиште на НАТО во Брисел, рече Заев вчера во Лондон.

Откако Протоколот ќе го ратификуваат сите земји членки на Алијансата, останува документот со кој се официјализира нашето членство да биде ратификуван и во Собранието на Република Северна Македонија, но неизвесно е дали тоа ќе се случи пред или по изборите, кои според договореното треба да се одржат на 12 април.

Во земјава сите се согласни во едно – членството во НАТО е стратешка цел број еден и тоа никој не го оспорува, но не постои согласно околу тоа дали Собранието во време на избори може да го ратификува Протоколот.

ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со иницијатива до Владата во најскоро можно време до Собранието да го достави Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор и на Пристапниот протокол за членство.

-Нашата иницијатива има за цел да го забрза и да го обезбеди ратификувањето на Северноатланскиот договор и Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Собранието, пред истото да се распушти заради одржување на предвремените парламентари избори, кои треба да се одржат на 12-ти април 2020 година, образложи вчера координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, додавајќи дека ваквата постапка е во пракса, која се применила при влезот на Црна Гора во НАТО.

Тогаш во април 2017 година, Парламентот во Подгорица предвремено ги ратификуваше овие документи, а ратификацијата на протоколот за пристапување на Црна гора во НАТО од страна на Холандија и Шпанија се случила еден месец подоцна. во мај 2017 година.

Од партијата со апел до Талат Џафери најбрзо што може да ја испрати иницијативата до Владата, а собранискиот спикер вчера за тоа се прогласи за ненадлежен.

Тој вчера рече дека Владата, а не Собранието е надлежна за постапување по иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Потврди дека вчера група пртеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата до него доставиле барање за иницирање, односно за препраќање до Владата на иницијатива за доставување Предлог-закон за ратификација на договорот за НАТО.

– Од формален аспект еден документ што влегува во Собранието во соодветна процедура моја обврска е да го разгледам актот соодветно и по однос на надлежностите да постапувам. Имајќи предвид дека Собранието врз основа на членовите на Деловникот на кои се повикуваат пратениците ги нема тие надлежности, сметам дека е соодветно истиот акт, како и при сите други случаи за кои Собранието не е надлежно да постапува, да се препрати до надлежниот орган на кој што се однесува проблематиката, во конкретниов случај до Владата на Република Северна Македонија, изјави Џафери.

А лидерот на лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села вчера најави дека Алијансата за Албанците, како политички субјект, бара ратификувањето на Протоколот за членство во НАТО да се одржи на пленарната сесија на 11 декември, за да истиот не се искористи како причина за одложување на предвремените парламентарни избори.

-Денес е време да поднесеме барање до владата и до сите политички партии дека поддржувањето на ваква иницијатива нема да биде прв пат. Затоа што има преседани. Исто така, имало слични случаи кога не гласале сите земји, како што е случајот со Црна Гора кога собранието гласаше за протоколот пред истото да се случи од сите земји членки на НАТО, така што доволна причина за нас да гласаме , рече вчера Села.

Џафери е на став дека откако ќе биде распуштен Парламентот не треба да се свикува за евентуално ратификување на Протоколот за членство во НАТО.

Ако во меѓувреме Шпанија избере Влада и го ратификува нема да има никакви пречки, но ако ако ратификацијата во оваа земја се случи во изборниот период, според Џафери постои можност Протоколот да биде ратификуван по завршување на изборите и конституирање на новиот парламентарен состав.

И за претседателот Стево Пендаровски не е спорно Протоколот да се ратификува по изборите.

Доколку се случи Шпанија да формира влада и да го ратификува Протоколот за членство на земјава во НАТО во предизборниот период, тој во интервју за ТВ 24 рече дека не е спорно ратификацијата да се случи по конституирање на новиот собраниски состав.

– Ако сите ратификации завршат и се чека на нас, бидејќи по сите 29 ратификации и ние треба да го ратификуваме Протоколот, а ние немаме Парламент и дојде до ситуација од нас да зависи, ќе го ратификуваме во април по изборите, рече Пендаровски.

Во врска со предлогот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да се изгласа ратификација со одложено дејство Пендаровски смета дека се уште има правни дилеми дали тоа би било правно издржано.

За вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, пак, би било неодговорно да направиме што било што ќе го загрози членството во НАТО – стратешка цел број еден, макар и да ја одложи на одредено време.

Таа појасни дека одложувањето на изборите не е опција, а веќе се разговара со дел од пратеници и со други институции за можност за свикување на Собранието и по закажување на изборите, оти вели тој собраниски состав е функционален. -Ние во ниеден момент не можеме да кажеме – немаме Собрание, смета Шекеринска.

Слични содржини