Шредер: Војната во Украина е грешка, но Путин не е одговорен за воените злосторства

од Nikola Popovski

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер даде интервју за „Њујорк тајмс“, со што се огласи за прв пат од почетокот на руската инвазија на Украина, а делови пренесоа многу германски медиуми.

Во Германија, поранешниот канцелар и пријател на Путин, Герхард Шредер беше широко критикуван.

Шредер, меѓу другото, изјави дека повторно е подготвен да посредува во војната во Украина и оти мора да се постигне мировно решение што е можно поскоро.

„Мислам дека оваа војна беше грешка и секогаш сум го велел тоа“, изјави Шредер, цитиран од германските медиуми.

За посредувањето во Москва

Путин дефинитивно е „заинтересиран да стави крај на војната“, рече Шредер, мислејќи на неговиот неуспешен обид за посредување. „Но, не е така лесно. Има неколку точки што треба да се разјаснат“, рече Шредер без да објасни за кои точки станува збор.

„Отсекогаш сум ги застапувал германските интереси. Ќе направам што можам. Барем едната страна ми верува“.

Поранешиот германски канцелар, исто така, не верува дека Путин е одговорен за се поочигледните руски воени злосторства во Украина. Злосторствата, како што е наводното убиство на цивили во Буча, треба да се истражат, рече Шредер, но тој не верува дека наредбата била од Путин. Одговорни се „пониските позиции“, пишува ARD New York Times.

Последната акција на Герхард Шредер, кој сам отпатува во Москва, на „мировни разговори“ со својот пријател Путин, е уште еден во низата неочекувани потези на поранешниот канцелар. Тој се повеќе станува товар за СПД.

Во интервју за американски весник, Шредер се залагал за одржување на односите со Русија и покрај агресијата врз Украина.

„Не можете да изолирате земја како Русија на долг рок, ниту политички ниту економски“, рече Шредер, додавајќи: „На германската индустрија и требаат суровини што ги има Русија. Не се работи само за нафта и гас, туку и за ретките метали. А тоа се суровини што не можат лесно да се заменат“.

Шредер ја бранеше германската енергетска политика во последните децении, што ја направи земјата зависна од рускиот гас. Тој е изненаден од жестоката дебата во Германија: „Последниве 30 години сите учествуваа во неа, а сега се прават паметни. Сега нема да се попрскам со пепел. Тоа не е мој стил“.

Оставка само ако Русија го прекине гасот за Германија

Шредер уште еднаш потврди дека нема да се откаже од работата за руските енергетски компании. Тој ќе размислува за оставка само доколку Путин навистина ја прекине испораката на гас за Германија и Европската унија. Сепак, Шредер не верува дека тоа ќе се случи.

Поранешниот канцелар е претседател на надзорниот одбор на руската нафтена компанија „Роснефт“, а неодамна работеше и за гасните компании „Северен тек“ и „Северен тек 2“. Затоа СПД е во процес на исфрлање на Шредер од партијата.

Но, тоа не е сè: годишното генерално собрание на рускиот енергетски гигант Газпром ќе се одржи на 30 јуни – и Шредер треба да биде избран во одборот на директори, доколку ја прифати номинацијата. Поранешниот канцелар во интервју за „Њујорк тајмс“ остави отворено дали ќе ја преземе таа функција или не.

Фото: VLADIMIR RODIONOV/GETTY IMAGES

Слични содржини