Претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмајер утрово пристигна во земјава, по што се упати кон претседателската вила „Водно“.
Таму беше пречекан од неговиот домаќин претседателот Стево Пендаровски. Штајнмаер беше пречекан со највисоки воени и државни почести, при што беше интонирана и германската химна.
Ова е прва посета на претседателот на Сојузна Република Германија Штајнмаер на Северна Македонија.
Според најавата, во вторник во Скопје се планирани средби и со премиерот Димитар Ковачевски, а Штајнмаер треба да се обрати и во Собранието, по што ќе се сретне со младите во Претседателскиот центар за политичко образование.
Штајнмаер во среда во Скопје ќе се сретне со екипата на македонскиот документарен филм „Медена земја“, кој беше номиниран за „Оскар“ во 2020 година, попладне ќе го посети ветерниот парк во Богданци, а потоа и германската компанија Дрекелмаер во Кавадарци.