„Штекли“ имал епилептичен напад и паднал во судница

„Обвинетиот вчера бил прегледан и дадена му е терапија од психијатар, со оглед на суицидални идеи“, изјавил адвокатот на „Штекли“

од Nikola Popovski
133 прегледи Фото: Принтскрин

Судењето за случајот сo првообвинетиот Раде Трајковски-Штекли, во кој повеќе лица се обвинети за организирана продажба на дрога, се одложува за 9 октомври, на барање на адвокатот на „Штекли“.

Тој пред почетокот на денешното рочиште имал некој вид на епилептичен напад и паднал во судница. По укажана помош од лекари од брза помош, Штекли одбил да прими терапија, а Судот донесе одлука рочиштето да продолжи да го следи од друга просторија во Судот.

-Го прегледавме. Самиот беше контактибилен, самиот кажа дека не знае каде се наоѓа. Не сака да прими терапија, бидејќи пиел друга терапија во затвор. Не сакаше да потпише изјава дека одбил терапија, рече лекарката.

Адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски пред Судот реагираше дека епилептичен напад на лице со констатирана епилепсија никако не може да биде нарушување на редот во судницата.

– Од почнувањето на оваа расправа до сега Раде Трајковски ниту го навреди, ниту наруши редот во оваа судница. Непосредно пред почетокот на главната расправа добил епилептичен напад. Обвинетиот вчера бил прегледан и дадена му е терапија од психијатар, со оглед на суицидални идеи. Мора да приметам дека лекарот од општа пракса од Брза помош немаше доблест да каже дали денес примил терапија, зошто ако не примил еден од можните исходи е ова, изјави Дуковски.

Дуковски, нагласи дека посебено сака да се забележи дека на одбраната во ниту еден момент не и е во корист да се одолговлекува судењето.

-Не може да биде нарушување на ред, одбивање на дијазепам од десет милиграми што треба да го направи тука растение и да следи рочиште. Јас не можам по ова денеска да вршам испрашување и вкрстени прашања. Затоа се обраќам до Судот да се даде датум да се изврши ова сослушување, а затворскиот лекар да види дали Штекли има примено или не денеска терапија, изјави Дуковски.

Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле применети посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години. Четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков, исто така, поднесоа предлог за признавање вина, по што Судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.

Според Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.

Слични содржини