Штетата предизвикана од земјотресот кој ја погоди Јапонија на први јануари и во кој загинаа повеќе од 230 луѓе, според проценките на јапонската влада би можела да изнесува помеѓу 6,9 и 16,2 милијарди евра.
За да се направи таа проценка, земени се предвид штетите на зградите и инфраструктурата во префектурата Ишикава, која беше најтешко погодена, како и две соседни префектури, Тојами и Ниигата, а разликата е толку голема бидејќи сè уште не се проценети сите штети.
Официјалната проценка е повисока од првата проценка на делумна штета што ја направи приватниот сектор на почетокот на јануари.
Сепак, вкупната сума на штета би требало да биде помала од онаа предизвикана по земјотресот и цунамито во 2011 година во североисточна Јапонија, која изнесуваше 147 милијарди евра.
Владата вчера донесе мерки за подобрување на условите за живот на лицата евакуирани по земјотресот од први јануари, реконструкција на погодените подрачја и ревитализација на туризмот.
Јапонскиот архипелаг е еден од сеизмички најактивните во светот. Модерните згради во Јапонија можат да издржат многу силни земјотреси, но тоа не е случај за многу постари згради, особено во руралните области како што е полуостровот Ното, на кој се наоѓа префектурата Ишикава, епицентарот на земјотресот од први јануари.