Денеска е главниот изборен ден во Штип и Пласница.
Предвремени избори за нови градоначалници на овие две општини, кои ќе имаат мандат од девет месеци, се избираат откако претходните заминаа на нови функции во законодавната и извршната власт.
Граѓаните на Штип своето право на глас можат да го дадат за еден од петмината кандидати за градоначалник.Кандидатот од СДСМ е доктор Сашко Николов, од група избирачи Трајче Митев, ТМРО Лазар Наумов, коалиција „Иднина во нашите раце” Гоце Ангелов и Интегра Македонска конзервативна партија Симон Поликарп.
Во Општина Штип денеска правото на глас можат да го остварат вкупно 41.777 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање во Општина Штип се запишани 39.605 гласачи, а во посебниот избирачки список што се однесува на лица кои се на привремен престој или работа во странство се запишани 2.103 лица.
Поради здравствените протоколи, гласачите од пет избирачки места во Штип ќе гласаат на други локации, кои се во или во близина на нивните населби.
Изминатите два дена во Штип и Пласница гласаа ковид болните, лицата во изолација, болните и немоќни, осудениците и станари на геријатриски домови. Како што соопшти синоќа Државната изборна комисија, избирачките одбори го спроведоа гласањето на овие лица и до општинските изборни комисии доставија известувања со соодветна документација.