Штип се прости од петтемина загинати во пожарот во Кочани

од Даниел Ѓорѓиевски
76 прегледи

Во колони долги по неколку стотини метри, граѓаните на Штип денеска се простија од петтемина загинати во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани. Последна почит им оддадоа на Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.

Граѓаните се собираа во Соборниот храм „Свети Никола“, каде што се простуваа од најмладите, Таневски и Ивановски, со цвеќе и во тишина, оддавајќи им достојна почит.

Во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во штипско Ново Село, штипјани се простија од Филип Стевановски и Александар Коларов, членови на бендот ДНК. Во Црквата „Света Троица“ на Гробиштата во Штип, роднините, пријателите и граѓаните му оддадоа последна почит на Александар Ефремов, фотограф на ДНК.

Сите загинати беа погребани во гробиштата во Штип со почести од високи свештени лица на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

На трите места каде се оддаваше последна почит, беа присутни тимови на Црвен крст и екипи на Прва помош, кои обезбедија поддршка на семејствата и граѓаните.

Регионалните и локалните медиуми, како и дописниците на националните медиуми, денеска не фотографираа и снимаа од погребот на петтемина штипјани, почитувајќи ги барањата на дел од семејствата и пријателите на починатите да се избегне фотографирање и снимање.

Слични содржини