Што доби Македонија од членството во НАТО: „Приклучувањето го извршивме беспрекорно, но потфрламе да капитализираме на тој факт и да одржиме функционален систем“

од Nikola Popovski
300 прегледи

Четири години од нашето полноправно членство во најмоќниот воено-политички сојуз. Оценето како историски успех кој, по три децении независност, конечно ја потврдува нашата безбедност и ја гарантира нашата иднина. Четирите години од пристапувањето ги дочекуваме во услови на воена агресија на европското тло – руската инвазија врз Украина која започна на 24 февруари 2022 година. Определбата за евро-атлантско интегрирање на Република С. Македонија датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

Колку е значаен датумот 27-ми март и какви придобивки доби земјава во изминатите четири години – одговараат за „Локално“ дел од експертите и аналитичарите. Според експертот за безбедност, дезинформации и комуникации, Емир Хасановиќ, членството на НАТО е еден од клучните печати на македонската државност. Порачува дека нашата меѓународна репутација, пристапот кон информации и развој на глобални партнерства се значително подобрени.

Емир Хасановиќ

-Оваа држава во доменот на безбедноста и од индустриска гледна точка и од геостратешка е во екстремно поволна положба, но тоа останува на потенцијал засега. Знаете, тоа е исто како да сте се запишале во елитно училиште или да играте за елитен спортски клуб. Само затоа што сте член не значи дека имате само бенефити, очекувањата и нивото на посветеност кое мора да го имате и демонстрирате во континуитет  се подеднакво високи. Нивото на задачата е високо и мораме да одговориме соодветно, објаснува Хасановиќ.

Околу тоа дали допрва се очекува инвестициски бум со членството и од што зависи, Хасановиќ смета дека членството во НАТО е важно, но е само еден од низа критериуми за инвеститори.

-Мора тоа да го следиме со инкорпорирање на глобалните бизнис трендови, вложување во современа технологија и кадар, функционални системи, ефикасна администрација. Што гарантира членството во НАТО ако вие како држава не сте во состојба пасоши да издадете на половина од населението? Секој инвеститор кој е достоен на својот капитал би си го поставил ова прашање. Зачленувањето во НАТО го извршивме беспрекорно, меѓутоа потфрламе да капитализираме на тој факт и да одржиме функционален систем, ефикасен и правичен правосуден систем, релаксирана политичка клима и административен апарат лесен за навигирање за луѓето кои сакаат да вложат, посочува соговорникот.

НАТО ја гарантира нашата безбедност од странски непријатели, додава Хасановиќ, но, ние сме одговорни да се грижиме за внатрешната стабилност.

-Секој еден политички чинител има неизмерна одговорност во овој поглед. Во соседство како нашето, каприциозно и незрело политичко однесување може да чини многу и тоа и граѓаните треба да го знаат кога го земаат перото во рака да го дадат својот глас, наведува експертот.

Во однос на последниот терористички напад во Москва и како членството во НАТО допринесува за заштита од вакви трагедии, Хасановиќ вели дека не постои држава имуна на овие феномени. Ние имаме Национален комитетет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам кој води сметка за градење на внатрешна отпорност, но и следење на меѓународни закани.

-Сепак мислам дека има многу простор за усовременување бидејќи само затоа што нашата администрација е летаргична, не значи дека терористичките организации се во чекор со последниот збор на технологијата. НАТО помага во ова и дава пристап до најдобрата глобална пракса, ресурси и искуства меѓутоа НАТО не може да одработи за нас. Домашните професионалци на ова поле се литмусот за тоа колку сме отпорни или не на овие закани, образложи соговорникот.

Во овие 4 години продолживме со модернизирање на армијата, а би рекол и дека професијата војник и воено лице добија на популарност, смета извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски. Општо земено, вели тој, Македонија со членството во НАТО го подобри својот меѓународен углед и сега на неа се гледа како посериозен партнер.

Димитар Николовски

Потенцира дека членството помага во генералниот рејтинг и привлечноста за странски инвестиции, но истакнува дека не е пресудно за тоа.

-Многу други фактори, особено внатрешно политичките случувања, како и безбедносната состојба на регионот, влијаат на тоа дали би имало инвестициски бум или не. Потенцијален инвестициски бум многу повеќе ќе зависи од случувањата околу изборите и самиот исход од нив, а не од членството во НАТО, тврди Николовски.

Според него, членството во НАТО ни дава една поголема сигурност, но знаеме дека и многу помоќни и организирани држави од нашата, членки на НАТО, беа жртви на терористички напади.

-Добро е што како резултат на членството во НАТО сме во еден систем на размена на информации и координација со разузнавачки служби чиј опсег е многу поширок од нашиот, но ова не е 100% гаранција за заштита од безбедносни ризици. Сепак, во контекст на војната во Украина, добро е дека сме членка на НАТО затоа што сме помалку ранливи и имаме поголема заштита, заклучува соговорникот.

На 1 август, 2018 година генералниот секретар на НАТО упати писмо до министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија заедно со План за спроведување на процесот на пристапување во НАТО, а во октомври истата година, на состанок во Брисел формално беа завршени пристапните разговори. На 6 февруари 2019 г., постојаните претставници на 29-те земји членки на Алијансата во седиштето на НАТО го потпишаа пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија.

По овој настан започна и следната фаза во која следуваше ратификација на Пристапниот протокол во националните парламенти и институции на земјите членки на Алијансата, а беше ратификуван и во нашето Собрание.

На 27 март 2020 година земјава стана 30. членка на Алијансата кога в.д. амбасадорката на Северна Македонија во САД, Вилма Петковска, на американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на земјава во НАТО.

Н.П.

Слични содржини