Премиерот Христијан Мицкоски вчера разговараше со лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, за понатамошната соработка во владините редови. Според информациите од состанокот, завршил без решение, но разговорите ќе продолжат како дел од секојдневната соработка во Владата, а иднината на функционирањето на АА треба да се знае во текот на овој месец.
Од Кабинетот на Мицкоски пак брифираат дека шефот на владата го повторил ставот дека за него е неприфатлива соработката со ДУИ. Претходно, во изјава за медиумите Мицкоски порача оти мнозинството е стабилно. Додаде дека Таравари и неговите сопартијци треба да одлучат дали ќе продолжат да бидат дел од Владата или ќе одлучат да коалицираат со политички сили кои, како што рече, „ја криминализираа државата во последните години“.
„Немам намера никого да молам. Со или без Таравари, Владата е стабилна, со големо мнозинство, и на него и на членовите на неговата партија е да одлучат – дали ќе го следат патот на реформите, владеењето на правото, борбата за праведно општество, институции што ќе функционираат или ќе се придружат и ќе коалицираат со политички сили што со години ја криминализираа и уништуваа земјата. Изборот е нивен“, рече Мицкоски.
Во пресрет на состанокот, Таравари изјави дека на претседателството на партијата одлучило дека ќе имаат посебни листи на советници и, најверојатно, кандидати за градоначалници на општините во кои се кандидираат.
„Значи, ќе го слушнеме и премиерот, а потоа ќе процениме како да продолжиме“, додаде Таравари, кој пред неколку дена ја напушти коалицијата ВЛЕН, но остана во Владата. Претходно лидерите на ВЛЕН бараа од претседателот на Владата да го исклучи министерот за здравство.
ВМРО-ДПМНЕ до крајот на мај ќе ги претстави партиските кандидати за локалните избори, додека социјалдемократите најавуваат први имиња уште оваа недела. Албанскиот политички блок сè уште калкулира. И ДУИ и ВЛЕН кандидатите ќе ги потврдуваат на партиските тела пред да ги објават јавно.
-Нема потреба од одржување предвремени парламентарни избори доколку пратениците на Алијансата за Албанците кои го поддржуваат Арбен Таравари ја напуштат владејачката коалиција, изјави вчера претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Таа нагласи дека предвремени избори се неопходни во услови на парализирани институции, кога тие не можат да функционираат или кога владејачкото мнозинство е на работ на потребното мнозинство од 61.
„Да, има проблеми, но институциите се справуваат со нив. Ќе има редовни локални избори кои го одразуваат расположението на граѓаните. Понекогаш тие се лакмус тест за успехот на владата, но апсолутно нема потреба од парламентарни избори“, рече таа, одговарајќи на прашања од медиумите.
Претседателката ја коментираше и изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој пред два дена изјави дека доколку членот на неговата партија и поранешен министер Крешник Бектеши биде обвинет за пожарот во Кочани, ДУИ ќе излезе на улица и, како што рече, „нема враќање“.
„За разлика од господинот Ахмети, јас ќе ги мерам моите зборови. Не сакам да се мешам во судството, но сите повикуваа на независност на судството. Таквиот говор значи притисок врз судството“, кажа шефицата на државата.