Што е тоа „валкана бомба“ и колку е опасна?

од Stefanija Kuzmanovska
185 прегледи

Украина и Русија разменуваат меѓусебни обвинувања дека другата страна планира да направи или употреби „валкана бомба“ на украинска територија. Ако тоа навистина се случи, тоа би било прва употреба на ваква бомба во светот.

„Валкана бомба“ е оружје кое комбинира конвенционални експлозиви и радиоактивен материјал, како што е ураниумот. Често се смета дека е оружје на терористите, наместо оружје што го користат државите во конвенционални војни, и дека неговата главна цел е да предизвика страв и паника, наместо да елиминира воена цел.

Прашањето што ги интересира многумина е дали „валканата бомба“ е нуклеарно оружје. Одговорот е – не, иако во себе содржат радиоактивен материјал.

Имено, експлозијата на „валкана бомба“, како и кај конвенционалните бомби, е предизвикана од експлозив, додека кај нуклеарното оружје тоа е производ на нуклеарна реакција. Нуклеарната бомба создава експлозија која е илјадници до милиони пати посилна од конвенционалните експлозиви што се користат во „валканите бомби“, објаснува американското министерство за домашна безбедност.

Експлозијата на нуклеарна бомба може да збрише цели градови од лицето на земјата, додека „валкана бомба“ урива или оштетува само неколку згради, пренесува Си-Ен-Ен.

Облакот кој се формира по употребата на нуклеарна бомба може да покрие десетици до стотици квадратни километри и на тој начин да шири мали честички од нуклеарен материјал, таканаречена радиоактивна прашина. Од друга страна, поголемиот дел од радиоактивниот материјал ослободен од експлозија на „валкана бомба“ може да се прошири на неколку градски блокови или квадратни километри, објаснува американската внатрешна безбедност.

Според истите податоци, валканата бомба никогаш не била употребена до сега, благодарение на неуспехот на планот на чеченските бунтовници да ја активираат во московски парк во 1995 година.

Некои извештаи покажуваат дека терористичките организации Ал Каеда и ИСИС направиле или се обиделе да направат „валкана бомба“, но ниту една никогаш не била активирана.

Се верува дека „валканата бомба“ не може да испорача толкава доза на радијација што би предизвикала итна смрт или штета која би довела до смрт на голем број луѓе. Американската внатрешна безбедност вели дека опасноста од радијација се зголемува со текот на времето на изложеност, а превентивните мерки се едноставни – да се оддалечите од радиоактивното подрачје. Поместувањето дури и на кратко растојание од местото на експлозијата може да обезбеди значителна заштита бидејќи дозата на радијација драстично опаѓа со оддалеченоста од изворот.

Луѓето треба да ги покријат носот и устата за да избегнат вдишување радиоактивен материјал, да влезат внатре и да се засолнат од радиоактивниот облак, да ја соблечат целата облека што ја носеле во моментот на експлозијата и да ја стават во пластична кеса, а потоа со вода полека да го измијат од себе радиоактивниот материјал.

Слични содржини