Многу светски политичари, функционери и институции му оддаваат почит на папата Франциско откако беше објавена веста дека утрово почина поглаварот на Римокатоличката црква, нагласувајќи дека успеал да инспирира милиони луѓе дури и надвор од католицизмот.
Сочувство пристигнуваат од сите страни на светот за смртта на папата Франциско, а лидерите и верниците изразуваат благодарност за неговата посветеност на верата, мирот и социјалната правда.
Рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста на папата Франциско како исклучителна личност која засекогаш ќе остане во меморијата на народот.
Како што е соопштено од Кремљ, Путин изјавил дека папата Франциско активно работел на зајакнување на дијалогот меѓу Руската православна црква и Римокатоличката црква, а со тоа придонесува за градење меѓурелигиско разбирање.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Путин и папата Франциско се сретнале многу пати и дека имаат голема почит еден кон друг, пренесе РИА Новости.
Руската православна црква исто така нагласи дека папата Франциско одиграл значајна улога во подобрувањето на односите меѓу Руската православна црква и Римокатоличката црква.
Според секретарот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, јеромонахот Стефан Игумнов, контактите меѓу двете цркви се развиле на сите нивоа, а Папата има клучна улога во оваа соработка, вклучително и хуманитарните иницијативи.
Од Белата куќа на платформата „X“, споделија фотографија на папата со претседателот и потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп и Џ.Д.Венс, со порака: „Почивај во мир папа Фрањо“.
Сочувство за смртта на папата Франциско изрази и американскиот потпретседател Џ.Д.Венс, истакнувајќи ја неговата посветеност на христијанските вредности.
Венс ги сподели своите сеќавања за папата на мрежата „X“, потсетувајќи се на неговата проповед од раните денови на пандемијата на коронавирус.
„Во моето срце одекнува тагата на милионите христијани ширум светот кои го сакаа“, напиша Венс.
Сочувство за смртта на папата изразија и британскиот крал Чарлс Трети и неговата сопруга Камила.
„Мојата сопруга и јас сме длабоко потресени откако дознавме за смртта на папата Франциско. Иако во срцата ни е тешко, ние сме утешени што на Неговата Светост и беше дозволено да ги сподели своите велигденски честитки со Црквата и светот на кој му го посвети целиот свој живот“, се вели во соопштението на кралското семејство.
Кралот истакна дека папата Франциско ќе остане запаметен по сочувството, грижата за единството на Црквата и несебичното застапување за заедничките цели на верниците и на сите луѓе со добра волја.
Тој исто така нагласи дека папата верува дека грижата е основа за верата во Бога.
„Преку неговата работа, посветеноста на луѓето и на планетата, тој длабоко ги допре животите на многумина. Кралот и кралицата со особена почит се сеќаваат на нивните средби со Неговата Светост низ годините и беа длабоко трогнати што можеа да го посетат на почетокот на овој месец“, соопшти кралското семејство.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја изрази својата тага поради смртта на папата, истакнувајќи ја неговата посветеност кон „најранливите“ и неговата борба за мир и социјална правда.
„Неговата посветеност на мирот, социјалната правда и најранливите остава длабоко наследство“, напиша Санчез на социјалните мрежи.
Индискиот премиер Нарендра Моди, исто така, изрази сочувство за смртта на папата, истакнувајќи ја неговата способност да ги инспирира луѓето ширум светот.
„Папата Франциско ќе остане запаметен како светилник на сочувство, понизност и духовна храброст. Неговата посветеност кон сиромашните и страдањата беше непоколеблива. Се сеќавам на моите средби со него, кои длабоко ме инспирираа”, рече Моди, додавајќи дека „љубовта на папата кон Индија ќе биде вечно негувана”.
Иранската влада изрази сочувство за смртта на папата. Портпаролот на Министерството за надворешни работи Есмаил Багеи рече дека Иран „го изразува своето сочувство до сите христијани ширум светот, како и до сите монотеисти и следбеници на небесните религии“.