ДУИ досега поддржуваше избори на 5-ти јуни, но по одлуката на Иванов, не е исклучено да го редефинира ставот. „Напуштете го ‘Титаник’“, ѝ порача на ДУИ академик Абдулменаф Беџети пишува DW.
Наредните денови ќе бидат клучни за одлуките на партиите кои досега не се изјаснија дали ќе учествуваат на изборите распишани за 5-ти јуни. Покрај СДСМ и нејзината опозициска коалиција која децидно се изјасни дека ќе ги бојкотира изборите, вчера бојкот најавија уште четири македонски партии – Демократски сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС и МОРО – Работничка партија.
„Нема да учествуваме на парламентарните избори закажани за 5-ти јуни. Сметаме дека не се создадени елементарни услови за одржување на фер, демократски, слободни и кредибилни избори. Еднопартиски парламент од 123 членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде катастрофа за Република Македонија, за нејзиниот демократски развој, перспективите и опстојувањето како држава. Ги повикуваме граѓаните на Македонија да ги бојкотираат изборите“, апелираа четирите партии.
Во претходните денови за бојкот се изјаснија и некои албански партии.
Што ќе реши ДУИ?
Засега, најнеизвесно е каква одлука ќе донесе владејачката ДУИ. Таа досега го поддржуваше одржувањето на изборите на 5-ти јуни, но одлуката на Иванов за аболиција и неговото одбивање да ја повлече, може да влијае врз редефинирање на ставот на ДУИ, иако нејзини претставници сѐ уште тврдат дека таа ќе оди на избори. Тој став вчера го повтори портпаролот Бујар Османи, во дебата на ТВ „Телма“.
„Нема друго решение, освен почитување на тешко постигнатиот Договор. Секое друго решение е свесно влегување во хаос. Ние сме одговорна партија, која цело време зборува за интересите на државата и граѓаните. Но ако на крајот партиите се покажат неодговорни, ние ќе го заштитиме интересот на Албанците и на нашиот електорат. Нема да дозволиме Албанците да бидат колатерална штета на оваа недоверба и нерационалност на македонските партии. Нема да дозволиме да бидат топовско месо или инструмент на едната или другата страна. Сакаме оваа криза да заврши, за да се вратиме на евроатлантските интеграции. За нас, НАТО е од животно значење“, рече Османи.
Повеќе ТУКА
