Што ни порача Фон дер Лајен: „Мек дипломатски притисок кој нема да резултира со поддршка за уставните измени од опозицијата“

од Nikola Popovski
923 прегледи

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, вчера во Скопје изрази надеж дека мнозинството партии и страни ќе ги поддржат уставните измени. Таа се надева, рече, дека нивното место ќе биде покрај државата и дека ќе преземат одговорност. „Изборот е на вас и затоа навистина се надевам дека сите партии ќе го искористат овој момент и ќе ги поддржат уставните измени, бидејќи тоа е за иднината на вашата земја и сите партии се одговорни за идентитетот на Македонците“, кажа Фон дер Лајен. на заедничката прес-конференција со Ковачевски. Премиерот, пак изрази надеж дека партиите кои, како што наведе, се против промена на Уставот, ќе покажат дека се залагаат за европската иднина на државата. Сега, додаде тој, прозорецот за пристапување на Македонија во Европската Унија е отворен.

Васко Наумовски

Дел од експертите сметаат дека ваквите пораки се очекувани и продолжување на претходните ставови. Според универзитетскиот професор и  поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, Васко Наумовски, овој начин на поттикнување на консензус е еден мек дипломатски притисок, кој смета дека нема да ја промени реалната состојба, односно нема да резултира со поддршка на уставните измени од страна на опозицијата.

Во разговор за „Локално“ истакнува дека ниту еден актуелен функционер на ЕУ не е во позиција да дава ветувања за тоа што ќе се случува со Унијата во 2030 година, дотолку повеќе што клучните одлуки за проширувањето ги носат државите-членки.

-Дотогаш ќе има многу промени на политичките сцени кај самите држави-членки, различна динамика на развојот на ЕУ и нејзиното проширување, како и многу процеси што од денешна гледна точка се непредвидливи. Дополнително, нашата историја на односите со ЕУ не ни влева многу голема доверба во овој тип на прогнози, посочува Наумовски за изјавата на Фон дер Лајен дека „земјава може и побрзо да пристапи кон Унијата ако сме поодговорни и поефикасни“.

Шефицата на ЕК вчера немаше средба со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, а соговорникот оценува дека веројатно на изминатите средби се исцрпиле темите за разговор, и биле слушнати сите аргументи од двете страни.

-Доколку нема нови моменти, а во моментов се чини дека нема, тогаш нови средби би биле нецелисходни, заклучува Наумовски.

Никица Корубин

Поранешната пратеничка Никица Корубин смета дека вчерашните пораки беа јасни и прецизни.

-Секој што бара права, треба да исполни и обврски, без разлика дали станува збор за индивидуално или колективно ниво. А, ние како одговорна држава треба да ги исполнуваме обврските во процес во кој доброволно сме влегле каков што е процесот на зачленување во ЕУ, наш стратешки и егзистенцијален интерес. Во таа смисла, за мене побитна е пораката која ние како држава ја испраќаме до ЕУ, со ова одолговлекување на превземените обврски, вели Корубин за „Локално“.

Се согласува со Фон дер Лајен дека се може да биде реално, па дури и влез во ЕУ пред 2030 година, доколку е реално залагањето на цел политички естаблишмент за евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

-Бидејќи сите тврдат дека треба да си ја “завршиме домашната задача” и се оптимисти дека може да си “ја средиме државата од внатре”, не гледам зошто 2030 би бил нереален датум. Единствено ако оние кои декларативно се залагаат за реформи, и особено оние кои се константно загрижени за “неправдите” кон Македонија, никогаш и реално немале ниту воља, а ниту потреба за интеграција на Македонија во ЕУ. Со други зборови, некои работи, навистина зависат само од нас, а според тоа се и сосема извесни, доколку сме сериозни и спремни да ги завршиме, тврди Корубин.

На прашањето дали Брисел полека дига раце од уставни измени пред избори, со оглед дека шефицата на ЕК не се сретна со лидерот на опозицијата, Корубин истакнува дека ЕУ нема обврски кон нас, туку во оваа фаза на завршување на скринингот, ние имаме обврски кон Брисел.

-А, тие обврски се обврски на државата, односно на институциите и носителите на јавни функции. И тука всушност Мицкоски и нема никаква формална улога, по негов личен избор, а со самото тоа ниту потреба било кое официјално лице од ЕУ да се сретне со него. Одлуките секако ги носат пратениците, а тие формално-правно и суштински го имаат легитимитетот и легалитетот. Секој одговара за своето поведение, но притоа не може да очекува различен исход, а и третман, со константното, но и крајно опасно блокирање на нашата европска иднина, порачува соговорничката, додавајќи дека работите секогаш треба да се кажат со вистинските зборови.

-Особено сега, и особено во овој контекст. Ова е време на сериозна политика, а не приземно политиканство. Секој сам определува каква улога ќе има, заклучува Корубин.

Н.П.

Слични содржини